Рафа Бенитес вели дека и Евертон треба да добие одложување на мечот што треба да се игра на Боксинг деј против Барнли како што тоа го направи Фудбалската асоцијација на Англија со двата дуели меѓу Ливерпул и Лидс, односно Вулверхемптон и Ватфорд.
Двата меча се одложени поради голем број заразени играчи со корона кај Лидс и Ватфорд, кои побараа и добија одложување на натпреварите.
„И Евертон има дури 11-мина фудбалери што нема да можат да играат против Барнли, но нас нè одбија и не ни го одложуваат мечот за Боксинг деј. Сега имам само деветмина професионални играчи и тројца голмани, па ќе мора да повикам најмалку петмина млади фудбалери од вториот тим на Евертон. Тоа не е фер, но ние ќе мора да играме и без цел тим“, изјави Бенитес.
Барнли е во интересна ситуација и последните два меча им беа одложени поради поголем број заразени со ковид-19 кај нивните ривали, па ако ФА сепак се смилува кон Евертон, можно е и третпат по ред да не играат меч во Премиер лигата.