6.8 C
Skopje
петок, 3 октомври 2025

Бентанкур го продолжи договорот со Тотенхем

Фудбалерот на Тотенхем, Родриго Бентанкур, денес го продолжи договорот со англискиот клуб на повеќе години.

Тотенхем во своето соопштение не откри детали од новиот договор.

„Навистина се чувствувам добро и многу сум среќен што можам да ја продолжам својата приказна со овој фантастичен клуб. Моето семејство е среќно, имам одлични пријатели и соиграчи кои вредно работат секој ден. Го сакам овој клуб и тука се чувствувам навистина добро“, изјави Бентанкур за клупскиот сајт.

Бентанкур (28) пристигна во Тотенхем од Јувентус во 2022 година и оттогаш одигра вкупно 122 натпревари и постигна девет гола за англискиот тим, со кој минатата сезона ја освои титулата во Лигата на Европа.

„Освојувањето на Лигата на Европа беше фантастичен момент и сега сакаме да надградиме над тоа, да освоиме уште трофеи. Имаме нов тренер, нов капитен и сакам да уживам уште многу години во клубот“, додаде уругвајскиот играч за врска.

Менаџерот на Тотенхем, Томас Франк, изјави дека е многу среќен што Бентанкур го продолжи договорот со клубот и нагласи дека го гледа Уругваецот како „лепак“ што го држи тимот заедно.

„Навистина сум пресреќен што Родриго ја врза својата иднина за клубот. Тоа ја покажува неговата верба во она што го градиме овде и дека започнуваме патување за кое се надеваме дека навистина ќе биде посебно. Родриго е голем дел од тоа. Тој е фантастичен играч за врска кој може да ја диктира играта и да биде „лепакот“ што го држи тимот заедно. Исто така, има способност да влезе во шеснаесетникот, да асистира, но и самиот да постигне голови“, рече Франк.

Бентанкур ја започна својата кариера во Бока јуниорс, а за репрезентацијата на Уругвај има одиграно вкупно 72 натпревари.

- Оглас -

Најнови вести