Реномираниот француски магазин „Франс фудбал“ тврди дека Реал Мадрид започнал преговори со Арсенал околу услугите на Пјер-Емерик Обамејанг. На Габонецот му преостанува малку повеќе од една година од договорот со Топчиите и најверојатно нема да го продолжи, па затоа кубот од Лондон ќе биде принуден да го продаде својот капитен со цел да не го загуби без отштета.
На трансфер-пазарот вредноста на Обамејанг е 50 милиони евра, но таа може да се смени откако ќе влезе во последните 12 месеци од договорот со Топчиите, што значи дека Реал ќе има простор да го добие неговиот потпис за пристојна цена.
Доколку Кралевите успеат во својата намера да го ангажираат едниот од тројцата топ-стрелци во Премиер лигата од минатата сезона, Карим Бензема ќе добие конкуренција во нападот, односно Лука Јовиќ и Маријано ќе имаат уште помали шанси за минутажа доколку останат на „Сантијаго Бернабеу“.