Бензема донесе одлука за својата иднина и нема да ги следи стапките на Роналдо

Напаѓачот на Реал Мадрид, Карим Бензема, нема намера да ја прифати понудата од Саудиска Арабија и ќе потпише нов договор со Кралскиот клуб, пишува весникот „Марка“.

„Се зборуваше дека Бензема размислува за понудата од Саудиска Арабија, но милионите не ја променија неговата желба за продолжување на соработката со Реал Мадрид. Тој не сака да оди по стапките на Кристијано Роналдо, кој потпиша богат договор во Саудиска Арабија. Во Реал постои непишано правило според кое играчот што ќе ја освои Златната топка, ќе добие нов договор. Бензема сè уште официјално не потпишал нов договор со Реал Мадрид, но двете страни сакаат тоа да се случи во наредниот период“, пишува „Марка“.

Бензема во Реал Мадрид дојде во 2009 година од Олимпик Лион, во трансфер вреден 35 милиони евра. За Реал одигра 637 натпревари, постигна 348 гола и има 165 асистенции, а вкупно освои 24 трофеи, од кои пет во Лигата на шампионите.

- Оглас -

Најнови вести