Бензема го направи тоа што не успеаја ниту Меси, ниту Роналдо во Шпанија

Карим Бензема синоќа го спаси Реал Мадрид од неочекуван резултат на „Сантијаго Бернабеу“ против екипата на Уеска. Иако Уеска е последнопласирана во Примера и сигурно ќе испадне, во Мадрид одигра одлично и само на неколку минути пред крајот имаше 2-2. Сепак, тогаш со еден прекрасен гол Бензема ги сруши надежите на гостите дека може да изненадат.

Реал победи со 3-2, а Бензема се израдува на 215-тиот погодок во 458-миот настап за Реал Мадрид. За Французинот ова беше 23-ти погодок сезонава и потврдува дека е во одлична форма. Освен да дава голови, Бензема одлично и асистира, па може да се пофали со 123 додавања за погодок, бројка која е импресивна за напаѓач.

Иако многумина го оспоруваат квалитетот на Бензема, тренерот на Реал, Зинедин Зидан, е еден од оние кои најмногу верува во својот сонародник. Дека Зизу е во право, покажуваат и бројките кои се зад името на Карим. Со синоќешниот погодок против Уеска, Бензема не само што донесе радост на „Сантијаго Бернабеу“, туку стигна до постигнување кое не го направиле ниту Лионел Меси, ниту Кристијано Роналдо во Шпанија.

Уеска е 34-тиот клуб против кој Бензема има играно во Примера и на сите успеал да им даде барем по еден гол. Пред почетокот на сезонава, немаше погодено само против Леганес и Уеска. Против Леганес погоди во првиот дел од сезоната, а синоќа се радуваше и против Уеска. Тоа беше вкупно 141 погодок во Примера на 34-тиот различен клуб.

Колку само за споредба, Меси во Примера има играно против 40 различни екипи, а нема погодено во дуелите против Кадис, Мурсија и Херес. Роналдо, кој во претходните девет години играше за Реал, играл против 33 клубови, а единствено не успеал да даде гол против Леганес. Бензема е единствен кој погодил против сите ривали во Примера дивисион, со што Французинот само го потврдува својот квалитет.

Некогашната легенда на Реал Мадрид, Уго Санчес досега беше рекордер. Тој имаше дадено голови против сите 32 клуба против коишто играл, но Бензема сега е пред него со 33 противници и голови против сите 33 ривали. Уште еден сјаен напаѓач на Реал, Раул има давано голови против 35 екипи, но на четири не успеал да им ја затресе мрежата. Затоа Бензема е најдобар во оваа категорија.

 

- Оглас -

Најнови вести