Изненадувачки делуваше одлуката на Карим Бензема од пред една година, кога реши да си замине од Реал Мадрид и следната негова дестинација да биде Саудиска Арабија. Искусниот француски голгетер ја прифати понудата од Ал-Итихад, според која на годишно ниво ќе заработува по неверојатни 200 милиони долари.
Со овој договор Бензема стана вториот најплатен фудбалер по Кристијано Роналдо, кој добива 250 милиони долари во Ал-Наср. Иако сѐ уште има активен договор со тимот од Саудиска Арабија, многу веројатно е дека Бензема летово ќе си замине.
Според шпанските медиуми, блиску луѓе на Бензема откриле дека фудбалерот е разочаран и дека му недостасува фудбал на високо ниво. Поради слабите, игри се најде на удар кај навивачите во Саудиска Арабија, а Бензема одговори дека едноставно не може сам да игра и дека треба да има поквалитетни соиграчи.
Интересно е дека според договорот, Бензема може лесно да го напушти клубот, но не и државата. Саудискиот инвестициски фонд, кој ги дава парите за светските фудбалски ѕвезди, тешко дека ќе го пушти Бензема да си замине затоа што тоа би било тежок удар за имиџот на првенството.
Во 29 меча за Ал-Итихад, Бензема постигна 13 гола, а имаше и осум асистенции. Ако сепак се случи да си замине од Саудиска Арабија, негова прва опција во Европа бил тимот на Лион, каде што ја започна кариерата.