Бензема знае како да се наметне кај тренерите

Карим Бензема цела деценија е прв напаѓач на Реал Мадрид и никој не може да го замени во стартното место, а една од причините можеби е она што тој синоќа го оствари. Французинот е првиот стрелец на гол кај четворица од последните пет тренери на Реал.

Бензема со првите голови откако ќе дојде нов тренер, сака да покаже дека тој е прва опција и тренерите му веруваат. Во последните пет и пол години, само кај Рафаел Бенитес тој не беше прв стрелец.

Серијата на Бензема почна со Карло Анчелоти. Првиот меч на Карло на клупата на Реал беше во летото 2013 година и на тој меч со Бетис, Бензема погоди за водство од 1-0. Дебито на Зинедин Зидан се случи во победа против Депортиво од 5-0, а серијата ја отвори Карим. И во ерата на Хулен Лопетеги, во поразот од Атлетико во европскиот Суперкуп, прв стрелец беше Бензема. Синоќа тој беше првиот стрелец и кај тренерот Сантијаго Солари.

Критичарите на Бензема велат дека ова можеби ќе му биде и последен гол со Солари на клупата, а некои бараат Реал да ги менува тренерите пред секој натпревар, па така Бензема би дошол и до Златната копачка.

Бензема синоќа со погодокот во Кралскиот куп на Шпанија, стана и првиот играч од шпански клуб кој сезонава дал гол во четири различни натпреварувања (Суперкуп на Европа, шпанско првенство, Лига на шампиони, Кралски куп).

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести