Берат Јашари триумфира на третиот турнир од предвидените четири за државното првенство на Македонија и со тоа стекна недостижна предност на табелата, обезбедувајќи ја својата петта титула во низа.
Од Снукер федерацијата на Македонија информираа дека викендот започнал со изненадување, каде што младинскиот шампион Теодор Величковски извојувал победа над Јашари во групната фаза, по што Берат морал да игра многу пофокусирано и да ја елиминира можноста за уште една грешка. Со не многу сигурна игра, стигнал до полуфиналето, каде што имаше голем отпор од мотивираниот Лукревски, но кога веќе се избори за финалето, влезе во ритам и со 4-1 славеше против Владо Матоски.
Лукревски во полуфиналето со 3-1 славеше на второрангираниот Панов, па и тоа претставува изненадување.
Овој турнир за Јашари беше дел од подготовките за Европското првенство во снукер, каде што шампионот на Македонија ќе настапи во дисциплината „6 црвени”. Најдобрите европски играчи ќе бидат на мегдан од 6 до 19 октомври во Голем, Албанија, а дисциплината во која ќе настапи Јашари се игра на 13 октомври.
Фото: Архива на Снукер федерација