Поранешниот напаѓач на Тотенхем и Манчестер јунајтед Димитар Бербатов, го советува Хари Кејн да ја продолжи кариерата во некој поголем клуб со кој ќе може да освои трофеј, доколку Англичанецот посакува да има успешна кариера. Бугарската легенда не верува дека овој тим на Петлите може да стигне до одличје во претстојните сезони, иако избраниците на Маурисио Покетино се наметнаа меѓу најквалитетните екипи во Англија и Европа.
„Некој мора да го праша Кејн што би правел доколку со Тотенхем не успее да освои трофеј во блиска иднина. Сум бил во негова позиција, играв неколку години таму без поголем успех. Ги гледав останатите како си редат трофеи во своите колекции, па станав љубоморен. Знам дека и тренерот и навивачите и биле разочарани доколку замине од Лондон, но Кејн мора да направи исчекор во кариерата, да прифати поголем предизвик. Точно е дека може да остане во Тотенхем и како капитен да се бори за тимот да оствари успех, но што ако потфрли во таа мисија“, истакна Бербатов.
Бугаринот ги бранеше боите на тимот од „Вајт Харт Лејн“ од 2006 до 2009 година и освои само еден Лига куп. Потоа се пресели во редовите на Манчестер јунајтед каде што го достигна врвот на својата кариера освојувајќи две првенствени титули и едно Светско клупско првенство, а една сезона беше и најдобар стрелец во Премиер лигата.
Кејн веќе пет сезони е најголемата ѕвезда на Тотенхем, а уште ја чека својата прва радост, откако минатата сезона тимот на Покетино загуви од Ливерпул во финалето од Лигата на шампионите.