„Бернабеу“ ќе биде како котел – Реал ќе го затвори покривот за да создаде неподнослива атмосфера за Арсенал

Реал Мадрид утревечер ќе се обиде да приреди фудбалско чудо и да го елиминира Арсенал и покрај убедливиот пораз од 0-3 на првиот натпревар во Лондон. За таа цел клубот одлучи да оди чекор понатаму и да го искористи секој можен елемент за создавање неподнослива атмосфера за гостите, па така покривот на „Сантијаго Бернабеу“ ќе биде затворен.

Со дозвола од УЕФА, натпреварот ќе се игра со затворен покрив, што значи дека звукот, навивањето и емоциите ќе одекнуваат уште посилно меѓу ѕидовите на новиот и модернизиран стадион „Сантијаго Бернабеу“.

Станува збор за стратегија со јасна цел: да се претвори стадионот во котел што врие, каде што секој потег, секој старт и секој шут ќе бидат проследени со експлозија од трибините.

Анчелоти јасно стави до знаење што значи тоа:

„Кога покривот е затворен, звучната енергија е речиси двојно поголема. Навивачите ќе бидат уште поблиски до фудбалерите. Тоа ќе му даде на тимот дополнителна храброст и енергија.“

Во Реал Мадрид се надеваат дека токму таа комбинација на историја, страст и громогласна поддршка ќе им помогне да го елиминираат Арсенал и да се запишат уште еднаш во европските фудбалски анали со спектакуларен пресврт.

- Оглас -

Најнови вести