Ветеранот Горка Ираисос, кој во март ќе наполни 38 години, а сега е резервен голман на Жирона, за првпат во кариерата ќе брани на еден меч од шпанскиот куп против Реал Мадрид.
Горка сезонава е во сенка на Мароканецот Јасин Буну, но вечерва од 21.30 часот ќе добие шанса против Реал, клубот против којшто има примено дури 54 гола на 17 натпревари. Ова е просек од примени 3,17 голови по меч.
На четврти февруари 2006 година почнаа маките на Ираисос против мадридскиот гигант. Тогаш Реал му даде четири гола. На деветте гостувања на „Сантијаго Бернабеу“, Ираисос има примено 37 гола, што е просек од 4,1 по меч. Само двапати неговата мрежа остана незатресена кога бранел против Кралскиот клуб, и тоа на „Сан Мамеш“ во Билбао, кога бранеше за Атлетик.
Дури 20 различни играчи на Реал му давале голови, Кристијано Роналдо е рекордер со 15, а интересно е што легендарниот Раул Гонзалес никогаш не постигнал гол против баскискиот голман, иако имале само три меѓусебни пресметки.
Вечерва на голот на Реал Мадрид ќе биде Тибо Куртуа, што за Белгиецот ќе биде враќање во шпанскиот куп по пет години. Интересно е што неговиот претходен меч во ова натпреварување во 2014 година исто така беше на стадионот на Реал, но тогаш Куртуа беше член на Атлетико.