Шпанскиот стратег Жозеп Мариа Берокал имаше успешно деби како селектор на македонската кошаркарска репрезентација откако во салата „Градски парк“, нашиот национален тим славеше над Луксембург.
„Секоја победа е важна. Не смее да заборавиме дека бевме заедно само четири дена. Видов некои добри работи, имавме добра одбрана, добро се движевме на теренот, но не бевме константни во сите 40 минути. Немавме доволно време да се подготвиме најдобро за овој меч. Сега треба да се подготвиме за следниот меч кој не очекува“, рече Жозеп Мариа Берокал.
Новиот селектор на Македонија додава дека сака неговиот тим да игра добра одбрана.
„Сакам да играм добра одбрана, но не е лесно да се игра во исто темпо сите 40 минути. Треба да бидеме среќни што победивме, без разлика кој е противникот. секако дека има простор да бидеме подобри. Мора повеќе да играме како тим на следните средби“, констатира новиот предводник на Македонија.
Следниот меч Македонија ќе го игра на гости во Баку против Азербејџан на 2 март, противник кој во Скопје го победивме со 38 разлика.

