Првата Македонска фудбалска лига за следната сезона има 11 сигурни учесници, а последниот, 12-ти, ќе биде познат после одигрувањето на бараж-мечот помеѓу Беса и Башкими, кој се игра денес во 17 часот на „Градскиот стадион“ во Кавадарци.
Беса од гостиварски Добри дол ја заврши дебитантската сезона во Првата лига на десеттата позиција и опстанокот ќе треба да си го обезбеди преку баражот, додека Башкими како третопласиран во второлигашката конкуренција ќе се обиде да дојде до промоција во повисок ранг.
Прволигашот како фаворит влегува во овој меч, пред се поради поширокиот ростер кој го има, но и предноста да игра со странски фудбалери во составот, за разлика од второлигашите кои немаат право да ангажираат интернационалци.
Она што е интересно, Башкими заврши со два помалку од Македонија ЃП и Арсими кои се пласираа во Првата лига, а тоа се должи на поништениот меч во Гевгелија. Доколку Башкими ги добиеше тие бодови, сега ќе беше прволигаш.