Екипата на Беса од Добри Дол, која минатата сезона испадна од Прва фудбалска лига, во следната сезона нема да настапува во Втората лига. Неколку месеци траеше неизвесноста дали Беса ќе продолжи со настап во Втората лига, а денеска стигна и официјално соопштенние од Фудбалската федерациија на Македонија дека оваа екипа нема да биде дел од утрешната ждрепка за настап во Втората лига.
Во соопштението на ФФМ се вели:
„Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) ја информира јавноста дека ФК БЕСА 1976 АД Добри Дол официјално прати известување до ФФМ дека нема да настапува во Втората македонска фудбалска лига во сезоната 2025/2026.
Од клубот информираат дека во текот на денешниот ден до ФФМ ќе биде доставена и формалната одлука од бордот на директори со образложение за постапката.
Во однос на понатамошните чекори, ФФМ ќе донесе одлука дали и како ќе биде постапено со испразнетото место во лигата.
ФФМ ќе ја донесе конечната одлука до утрешното извлекување на распоредот за новата натпреварувачка сезона, закажано за 30 јули 2025 година“.