Судот во германскиот град Мајнц пресуди во корист на фудбалерот Анвар Ел Гази, кој доби отказ од тимот на Мајнц поради тоа што даде јавна поддршка за Палестина. Холандскиот фудбалер со потекло од Мароко бепе отпуштен од германскиот бундеслигаш, но реши да се бори и да го искористи правиот систем.
На крајот, Судот реши дека Мајнц треба да му исплати 1,7 милиони евра на 29-годишниот фудбалер, а договорот не може да биде раскинат и останува активен.
Првично, договорот на Ел Гази требаше да заврши во јуни оваа година, но сега е активирана клаузулата за едногодишно продолжување на соработката, затоа што во договорот стоеше дека Холанѓанецот ќе остане во тимот, ако Мајнц остане во Бундеслигата, што и се случи па и следната сезона ќе игра во елитата.
Пораката која Ел Гази ја сподели на социјалните мрежи, а беше причина да добие отказ од Мајнц гласеше: „од река па до море, Палестина ќе биде слободна“. Брзо потоа Ел Гази ја избриша оваа порака, но од Мајнц беа решени да му дадат отказ, а сега челниците на германскиот тим ќе зажалат за оваа нивна одлука.