Беше волшебник со топката, а сега го пренесува знаењето на помладите, но и ќе донира со Sport Life (Фото)

Додека настапуваше во азискиот континент, на Блискиот Исток и во Источна Азија, беше познат како „волшебникот со топката“, пред сè поради стилот на игра, но и одличните партии кои ги покажуваше на зелениот терен. Токму поранешиот македонски репрезентативец, Горан Станковски, е нов гостин во Хуманитарниот тикет на Sport Life, но овојпат како селектор на селекцијата за играчи до 15 години.

„Веќе од следната недела започнуваме со првиот селективен камп. Ќе одржиме три тренинзи, во понеделник, среда и четврток, а ќе се појават вкупно 90-мина фудбалери. Првиот филтер ќе го минат најдобрите 30, од кои потоа ќе се формира селекцијата. Ќе се формира костурот, од кој потоа ќе се црпат фудбалери, иако оваа бројка не е конечна, ќе се следат фудбалерите и, секако, ќе играат најдобрите кои се во моментот. Сепак, и тие кои нема да ги минат првите филтри, ќе бидат следени, бидејќи се млади категории и многу брзо се менува формата во нагорна или надолна линија. Списокот во секој случај нема да биде конечен, а шанса ќе добијат сите коишто ја заслужуваат. Ако направиме една пирамида, ова е најмалата репрезентативна генерација, од која потоа се црпат фудбалери и за повозрасните генерации. Основата е академијата на ФФМ, а се надградува и со играчи од фудбалските клубови. Се работи за талентирана генерација, но рано е да се очекуваат резултати, прво треба да ги вклопиме во системот, да ги воиграме, а тоа е процес кој трае“, вели Станковски.

Македонија отсекогаш била почва на која се раѓале одлични фудбалери, со врвни кариери и европски клупски титули, но патот секогаш започнува од најмала возраст, а репрезентацијата до 15 години е првиот филтер на репрезентативци.

„Македонија отсекогаш имала талентирани фудбалери и секако дека можеме да создадеме врвни фудбалери од типот на Горан Пандев или Елиф Елмас и сениорски репрезентативци. Имаме фудбалери кои отскокнуваат во младинските категории, играат редовно, но проблемот настанува во транзицијата од младински во сениорски фудбал. Тука ги губиме фудбалерите. Минутажата која ја добиваат е минимална, а клубовите мора да веруваат во нашите млади играчи и да им даваат поголема шанса бидејќи тоа е за доброто на целиот македонски фудбал. Мора да работиме на тој план“, додава селекторот на репрезентацијата до 15 години, Горан Станковски.

Станковски фудбалската кариера ја градеше во Тетекс, Слога југомагнат, Работнички, Македонија ЃП и Победа, додека освен на Блискиот Исток и во Хонг Конг, во Европа играше за Тенис Борусија Берлин, Антверпен, Сибир, Дијарбакир и Дачија Кишињев. Како тренер најдолг период мина во Работнички, каде што освен за младинските категории, беше предводник и на сениорите, а беше селектор и на репрезентациите до 17 и 19 години. Сега од новото раководството на Фудбалската федерација на Македонија ја има довербата да ги предводи репрезентативците до 15 години.

„Новото раководство на ФФМ е на одличен пат, се поставија нови селектори, секако, еден од нив сум и јас, во структурите се вклучени многу македонски фудбалски легенди кои знаат што е добар и квалитетен фудбал, но, да бидеме искрени, не може да очекуваме инстант успех и резултати веднаш. Тоа е процес на којшто мора да се работи напорно, сите да го дадеме максимумот, а резултатите ќе дојдат за некоја година. Младинските категории ќе ги имаат најдобрите услови, а на младите фудбалери им останува само да тренираат напорно и да се наметнат“, вели Станковски.

Во продолжение хуманитарниот тикет, кој доколку биде добитен, ќе биде дониран онаму каде што ќе биде најпотребно.

- Оглас -

Најнови вести