Првиот човек на Бешикташ, Фикрет Орман тргна во нова офанзива за ангажман на Адис Јаховиќ, иако во првиот налет беше одбиен од раководството на Коњаспор.
Сумата што ја понуди турскиот гигант за ангажман на македонскиот интернционалец од 1,6 милиони евра не беше прифатена од Коњаспор, но Бешикташ е голем клуб и има сериозни намери да го ангажира Јаховиќ.
Рецептот е покрај пари да и се понудат играч(и) на Коњаспор за да се реализира трансферот, а најавено е дека покрај Јаховиќ во фокусот на Бешикташ како зимски засилувања ќе бидат донесени и Александре Пато и Бурак Јилмаз.
Со Јилмаз веќе е постигнат договор и 33-годишниот поранешен репрезентативец на Турција за сума од околу 6 милиони евра ќе се врати во Бешикташ. Отштетата за Трабзонспор е 1,2 милиони евра, а Бурак ќе инкасира 4,8 милиони евра за две години.
Орман му дал гаранција на тренерот Шенол Ѓунеш дека најмалку двајца од овие три играчи ќе се појават на првиот тренинг на зимските подготовки во „црно-белиот“ дрес на Бешикташ.
Бразилецот Пато моментно игра за кинескиот клуб Тијанџин, а и тој има понуда од повеќекратниот турски шампион.
Пато сигурно се враќа во Европа и можно е Бешикташ да му биде четвртиот клуб од стариот континент, по настапите за Милан, Челзи и Вилјареал.
Орман веднаш ги реши сите проблеми околу ангажман на Јилмаз, еден од ретките играчи што настапувал за големата турска четворка, Галатасарај, Фенербахче, Бешикташ и Трабзонспор.
Јилмаз го носеше дресот на Бешикташ од 2006 до 2008 година, па по цела една деценија прави кам-бек. Сега останува трката меѓу Јаховиќ и Пато, а можно е пакетот да биде комплетен, па и двајцата со Јилмаз да бидат новите засилувања за клубот со големи амбиции и реноме во Турција.