Постоењето на еден 20-годишен среден бек како Марко Митев дава надеж дека македонскиот репрезентативен ракомет има светла иднина.
Митев е оној „мотор“ кој треба да ја движи селекцијата во наредните години. Не се плаши да влезе низ противничкиот ѕид, каде што пред него има момци кои се физички далеку посилни од него. Кога шутира, тоа најчесто е гол, а знае и да „измисли“ додавање кое ќе биде крунисано со чиста шанса за гол или погодок.
Марко играјќи за Алкалоид и за македонската репрезентација веќе неколку години, стекнува и искуство кое е неопходно за да може да се наметне како лидер и во континуитет да прикажува добри игри.
Тој е наследникот на Филип Миркуловски, позицијата среден бек е многу важна и добро е на тоа место да имаме играч кој ќе ги излудува противниците. Митев даде 11 гола (од 13 шута) на ЕП во Германија, од тоа пет погодоци беа против Швајцарија. Но, неговиот придонес за тимот не се мери само во голови, тој ги разигрува и останатите.
Митев дефинитино има квалитет на кој треба да се потпреме во наредните години, а негово е да продолжи да напредува и да слуша како ќе се скандира неговото име.