Бетис има интересни епизоди со ангажман на познати играчи и светски марки кои играле за клубот, а и сега амбициите се високи, па ќе се комплетира состав што би можел да игра во Лигата на шампионите.
Некогаш го имаа во своите редови Денилсон, потоа и Оливеира, Одонкор, играчи што своевремено беа со топ-трансфери и меѓу најскапите во Европа. Неодамна изненадија со ангажман на Фекир и Карвалјо, кои беа на мета на големите клубови, а во зимскиот преоден рок сакаат да ги ангажираат Карлес Алења од Барселона и белгискиот репрезентативец Јаник Фереира Караско, кој е поранешен фудбалер на Атлетико Мадрид.
Алења би дошол на „Бенито Вилјамарин“ како позајмен играч од Барселона, а Караско игра во Кина, но сака да се врати во клуб од Стариот континент. Бетис е прв кандидат за да го купи Караско, кој играше одлично за Атлетико во Ла Лига. Моментно настапува за кинески Далијан Јифанг.