Без еуфорија по улиците на Порто, за нив ова беше како обична победа, ние како веќе да бевме на Светско

Пласманот на фудбалско Светско првенство за Португалците е нешто најнормално, тие се навикнати да бидат учесници на најголемиот фудбалски настан, па затоа и радоста и славењето по мечот беа кратки и без еуфорија.

Не дека не се радуваа, но ниту фудбалерите и нивниот селектор Фернандо Сантош, ниту навивачите ни приближно не го славеа триумфот како што тоа би го направиле ние ако победевме синоќа на „Драгао“ во Порто.

Македонците многу повеќе ја посакуваа победата, но пресуди сувиот квалитет на Португалија и суровото казнување на грешките.

Немаше никакво групно славење по мечот, а по улиците можеа да се видат луѓе со португалските знамиња кои им беа оставени на седиштата на стадионот. И толку.

Македонија и понатаму останува без учество на Светско првенство, но за нас гостувањата во Италија и Португалија во рок од пет дена беа како Мундијал. Дури и да се пласиравме на СП, таму не би имале два толку тешки и големи противници во групната фаза.

За нас и финалето во баражот е голем успех, првпат бевме во ваква ситуација, цел свет ни се воодушевуваше за победата во Палермо против четирикратниот светски и актуелен европски првак Италија.

Разочарување од поразот имаше, но сите треба да бидеме горди на овие фудбалери кои направија нешто за што сонувавме 30 години, дојдоа на чекор од СП и тоа дава право на оптимизам дека во блиска иднина може да се направи и тој последен чекор, и Македонија можеби да заигра на Мундијал уште во 2026 година.

- Оглас -

Најнови вести