Без грчки тим во финалето на Евролигата: Спанулис го спакува „својот“ Олимпијакос

Можеби многумина посакуваа грчко финале во Евролигата, но таму ќе игра Монако и Фенербахче. Монако го совлада Олимпијакос со 78-68 во второто полуфинале на Ф4 турнирот во Берлин.

Парадоксално, грчката кошаркарска драма ја режираше токму еден Грк, Василис Спанулис, легенда на Олимпијакос, кој како тренер го предводеше Монако до првиот историски пласман во финале на Евролигата.

Олимпијакос почна подобро и поведе со 4-0, но Монако веднаш одговори со серија 7-0. Натпреварот беше израмнет до крајот на првата четвртина (17-17). Во втората четвртина, екипата на Спанулис го презеде водството и на полувреме замина со +3 (35-32).

Во третиот период Монако ја зголеми предноста на +13 (55-42), но Олимпијакос се врати со серија од 9-0. Сепак, Монако започна силно во последната четвртина и брзо ја врати двоцифрената предност, која не ја испушти до крајот.

Фурние беше најефикасен на мечот со 31 постигнат поен, но во победничкиот тим на Монако одлични беа Алфа Дијало со 22 поени и Мајк Џејмс со 17 поени.

Монако во недела од 19 часот ќе се соочи со Фенербахче во големото финале на Евролигата. Турскиот тим претходно го елиминираше Панатинаикос.


Олимпијакос и Панатинаикос ќе играат грчко дерби за третото место.

- Оглас -

Најнови вести