Горица го откажа учеството во регионалната АБА 2 лига, па за првпат во постоењето на втората јадранска лига, од 2017 година наваму, ќе нема хрватски екипи. Во моментов, само 11 клуба се сигурни, а лигата планира да биде со 14 тима, па ќе треба да се доделат три вајлд-карти на клубови кои за тие специјални покани ќе треба да платат 50.000 евра.
МЗТ Скопје Аеродром и Пелистер се меѓу сигурните учесници во АБА 2. Покрај двете македонски екипи, таму треба да бидат и Борац Бања Лука, Ловќен, Хелиос, Младост, Подгорица, Рогашка, Спарс, Сутјеска и Војводина.
Хрватските клубови кои требаше да играат во АБА 2, одбраа преселба во Алпе Адрија купот, каде ќе има клубови од Полска, Чешка, Словачка, Австрија, Словенија и Хрватска. Во главната АБА лига од Хрватска ќе играат Цибона, Задар и Сплит.
Ако остане планот за АБА 2 со 14 тима, може да се случи Македонија да добие и трети претставник. Еуро Никел беше заинтересиран, а не е исклучен и Работнички или некој друг расположен да плати.