Реал Мадрид неочекувано синоќа загуби од Хетафе, и тоа на „Сантијаго Бернабеу“ со 0:1 во меч од 26-тото коло во шпанската Примера дивисион. По овој пораз Реал има 60 бода, четири помалку од лидерот Барселона, додека Хетафе со победата се искачи на 11-тото место на табелата со 32 бода.
Мартин Сатријано во 39-тата минута беше стрелец на голот за Хетафе со кој малиот тим од Мадрид го изненади гигантот. Реал Мадрид имаше 77 отсто посед на топката, упати дури 18 шута кон голот на гостите, изведе дури 10 корнери, но не постигна ниту еден гол.
Кралскиот клуб во нападот го немаше Килијан Мбапе, кој сезонава е вистински лидер на тимот. Францускиот репрезентативец е повреден, а кога тој не игра, Реал Мадрид е ранлив. Мбапе сезонава пропушти седум натпревари за Реал, а Кралевите без голгетерот на теренот загубија дури трипати. Едноставно, тимот без Мбапе на теренот покажува дека ја нема посакуваната самодоверба, стабилност и реализација во нападот.
Следниот меч на Реал е на 6 март, и тоа на гостински терен во Виго против Селта, а јасно е дека Мбапе и на тој дуел нема да настапи. Стравувањата на Реал се дека може да се случи Мбапе да не биде подготвен за настап и на 11 март, кога во Мадрид ќе бидат домаќини на Манчестер сити во првиот меч од осминафиналето во Лигата на шампионите. Некои најцрни сценарија велат дека за Французинот дури и сезоната може да е завршена.

