Екипата на Љуботен е старо-нов фудбалски шампион во женска конкуренција во Македонија. Во последното 20-то коло, Љуботен на свој терен во Тетово одигра нерешено 1:1 против директниот ривал Саса и тоа беше доволно да се сочува лидерското место и да се освои шампионскиот трофеј.
Во мечот кој одлучуваше за првакот, Љуботен поведе со голот на Гоја во 42-рата минута, па тетовчанки на полувреме водеа со 1:0.
Саса не се предаде и преку Алис Вокер израмни на 1:1 во 68-мата минута, но гостинките немаа сила за целосен пресврт, а на крајот ремито беше шампионско за Љуботен.
На крајот, Љуботен по 20 одиграни кола, имаше 17 победи и само три нерешени без ниту еден пораз и заврши со 54 бода. Саса остана на второто место со 51 бод.
Љуботен сезоната ја заврши со двојна круна, откако претходно го освои и Купот на Македонија, а како првак ќе игра и во Лигата на шампионите во август.