Англискиот нисколигаш Глочестер доживеа разочарување во трката со времето за да стаса да го пушти во употреба новиот стадион за почетокот на следната сезона.
Безмилосни крадци имале ноќна прошетка на „Медоу парк“ и украле се што им дошло при рака. Од Глочестер пријавија кражба на бојлери, тушеви , генератор и дури и бакарна жица.
„Ни го скршија срцето. Украдени се доста работи, а дури ги откорнале и бојлерите. За среќа не го оштетиле теренот. Ќе се обидеме да ја надоместиме штетата и да стасаме навреме со сите работи до почетокот на новата сезона. Им благодариме на сите што ни даваат поддршка“, изјави Алекс Петерам, еден од главните луѓе во клубот.
Глочестер е посебна приказна и цели 13 години игра на стадиони надвор од градот, поради временската непогода од 2007 година.
„Медоу парк“ беше комплетно уништен во поплавите во јули 2007 година и оттогаш членот на Националната лига Север, која е шеста по ранг во Англија игра на други стадиони во околината на Глочестер.
Според планот пред кражбата новиот стадион требаше комплетно да биде обновен до крајот на август, но сега можно е да се пролонгира за извесно време, додека не се санира штетата.
Полицијата изврши увид на „Медоу парк“, но засега крадците не се идентификувани.