Атлетико Мадрид и Реал Мадрид одиграа уште еден неверојатно интересен меч, а овојпат Јорганџиите се радуваа на пласман во следната фаза од Купот на Шпанија. По регуларниот дел беше 2:2, а во дополнителните 30 минути, Атлетико постигна уште два гола и на крајот победи со 4:2 за голема радост на домашните фанови на стадионот „Ванда Метрополитано“.
Во текот на целиот меч на теренот имаше многу борба, a владееше и тензична атмосфера. Бразилецот Винисиус Јуниор веќе се профилира како еден од главните провокатори на теренот, па и овојпат често гестикулираше кон трибините, кон публиката, што наиде на револт кај тренерот на Атлетико, Диего Симеоне.
На Винисиус му беше покажан и жолт картон поради неспортско однесување, но продолжи во ист стил. По завршување на регуларните 90 минути Симеоне реши директно да му се обрати на Винисиус, а за среќа меѓу нив двајца се испречија неколку луѓе, кои не дозволија тренерот на Атлетико Мадрид да дојде до Бразилецот.