Аргентинскиот стручњак Марсело Бјелса, кој е тренер на Лидс, има намера да го внесе клубот во Премиер лигата и премногу е посветен кон таа работа, па во канцеларијата му ставија кревет и кујна.
Лидс, за кој настапува македонското крило Езџан Алиоски, веќе 12 години чека враќање во елитното англиско друштво, а оваа сезона имаат добра прилика да успеат. Тренерот со прекар Локо (Луд) доби луда идеја и наместо да губи време со возење до дома, тој побара да добие кревет и кујна, со што по цели денови ќе остане во тренинг-комплексот на Лидс.
Бјелса откако си поднесе оставка од функцијата селектор на Аргентина во 2004, три месеци живееше без телефон и телевизор и времето го минуваше со читање книги за фудбалот. Четири години подоцна го фотографираа како седи на шолја за кафе на еден меч на Олимпик Марсеј, а познат е и по држењето на тричасовна прес-конференција.
Летоска, тој на играчите на Лидс им нареди да го исчистат сметот околу стадионот во рок од три часа.