Ракометната федерација на Македонија ветува дека хуманитарниот меч кој ќе се игра на 3 јануари во „Борис Трајковски“ ќе биде вистински спектакл. Дуелот ќе биде пресметка меѓу актуелните репрезентативци и некогашните ракометари кои го носеле дресот на Македонија. Досега 20 поранешни репрезентативци потврдиле дека ќе бидат дел од овој натпревар.
Досега се продадени 4.500 билети, што значи дека уште 1.500 билети има во слободна продажба. Ова е гаранција дека салата ќе биде исполнета и ќе има вистинска прослава. Според организаторот, целта е да се соберат еден милион денари, пари кои ќе бидат дадени во хуманитарни цели во СОС Детско село.
Освен ракометниот меч, ќе има и музичко шоу, а за добрата забава ќе бидат задолжени, Некс Тајм, Меморија, Дац и Александар…
Стојанче Стоилов, кој неодамна рече да стави крај на репрезентативната кариера, вели дека овој меч е одлична можност да се оддаде почит на сите оние кои во годините наназад ја создаваа оваа ракометна репрезентација.
„Мило ми е што сум тука. Одличен настан да се оддаде почит на една генерација која твореше на терените со години, да се даде почит на оваа нова репрезентација. Ќе биде одличен начин да се отвори спортската 2023 година, хуманоста и спортот ќе бидат на едно место. Се надевам дека нема да има повреди на оние кои се замрзнати, не играле со години“, рече Стоилов.
Претседателот на РФМ, Живко Мукаетов, вели дека сè е подготвено за овој хуманитарен дуел.
„Јас еве веќе влегувам во десеттата година од мојот мандат, кога почнував, голем дел од овие играчи беа во зенитот на своите кариери. Денеска веќе не се активни, но овие генерации кои сега доаѓаат учеа од нив, а за мене како претседател на РФМ претставува голема чест да се биде дел од овој настан, во чест на овие 20 горди Македонци кои секогаш даваа се од себе бранејќи ги боите на државата. Тие заслужуваат уште повеќе, најразлични ситуации и ковид-пандемијата спречија и порано да има ваков собир, целосно сме насочени за што подобро издание. Благодарност до спонзорите кои ќе дадат дополнителни средства за СОС Детското село, се надевам дека ќе стигнеме до сума од околу еден милион евра која ќе биде донирана онаму каде што е најпотребна“, вели Мукаетов.
Еден од најголемите борци во дресот на македонската репрезентација секогаш бил пикерот Ванчо Димовски, кој ќе биде дел од оние 20 некогашни ракометари.
„По долго време сум од другата страна. Она што ми го дадоа за задача, не можам да одговорам за секој поединчено. Многу ме радува настанот, по долги години ќе се собереме на едно место. Околу подготовките, сите индивудално тоа го прават. До 3 јануари ќе се видиме сите заедно од 20 потврдени, ќе се подготвиме што е можно подобро да се покажеме во супер светло. Со оваа прес-конференција завршува 2022 година, а веќе во јануари имаме чест овој меч да биде прв настан во спортот во Новата година. Ако им донесе среќа на ракометарите на Светското првенство, нека биде и пракса“, вели Димовски.