Интересно ќе биде во последните две кола во македонското фудбалско првенство, а голем дел од екипите бијат битка за опстанок, а истовремено се надеваат и на пласман на четвртото место што може да им обезбеди настап во квалификациите за Европа Лигата.
И такво сценарио е можно само во случај Академија Пандев на 22. мај да победи во финалето на националниот куп против Македонија Ѓорче Петров, па четвртата позиција да води во Европа.
На таков епилог се надеваат Шкупи, Ренова и Работнички, иако засега го немаат обезбедено опстанокот во Првата лига.
Токму Работнички денеска од 16.30 часот ќе се обиде со победа во Струмица против Беласица да си обезбеди настап во Првата лига во следната сезона, во меч кој за домаќините е во категоријата „да се биде, или не“.
Беласица со 38 бодови е претпоследна, но не е и отпишана, па ако успее да ги совлада „романтичарите“ ќе остане во игра за опстанок.
Второто дерби на екипи од долниот дел на табелата ќе се игра во Ѓорче Петров, каде Македонија ќе му биде домаќин на Силекс. Двете екипи имаат по 41 бод и триумфот и овде ќе донесе мирен финиш на првенството за една од двете екипи.
Шкупи е во најдобра позиција моментно од клубовите што немаат гарантиран опстанок, има 44 бода и ќе и биде домаќин на Ренова, екипа која има еден бод помалку.
Во Тетово Шкендија ќе слави титула на дуелот со Академија Пандев, а и двете екипи ќе не претставуваат во Европа, следната сезона, заедно со Вардар, кој ќе и биде домаќин на испадната Победа.
Двојки, 35. претпоследно коло, 16:30 часот: Беласица – Работнички, Македонија Ѓ.П. – Силекс, Шкупи – Ренова, Шкендија – Академија Пандев, Вардар – Победа.
Табела: Шкендија 76, Вардар 60, Академија Пандев 57, Шкупи 44, Ренова и Работнички по 43, Македонија Ѓ.П. и Силекс по 41, Беласица 38, Победа 23.