Битка за прва победа – Пандев е повреден, но ќе игра, Македонија има „штоф“ и поддршка за успех против Украина

Горан Пандев и соиграчите денеска од 15 часот ќе мора да одат на победа против Украина за да ги задржат шансите за пласман во вториот круг на Европското првенство.

Капитенот на Македонија чувствува проблеми со глуждот, но ќе стисне заби и ќе игра против Украина.

Македонија е дебитант на големите натпреварувања, ги мина стартните 90 минути со пораз од Австрија со 1:3 и сега веќе нема избор. И Украинците се во слична позиција и тие не смеат да си дозволат пораз, втор по тој од Холандија со 2:3, што е најава за напаѓачки фудбал од двете страни.

Украинците се незгоден ривал и спој од искусни и познати европски ѕвезди од калибарот на Јармоленко, Малиновски, Јаремчук, Сидорчук… и младиот бран што го предводи 24-годишниот играч на Манчестер сити, Александар Зинченко.

Украинците се фаворити според коефициентите, но во вакви мечеви и на турнири со најдобрите репрезентации во Европа се важи само учинокот на терен.

Добро е што веќе имаме искуство, мина деби мечот на ЕП, а Македонија има штоф за да се носи рамноправно со Украинците.

Ривалот има опасни крила, Јармоленко и Шарапенко одиграа одлично против Холанѓаните кои имаа големи проблеми да ги сопрат нападите од бочните позиции и тоа ќе биде опасност број 1 и за нашата репрезентација денеска од 15 часот на Националната арена во Букурешт.

Македонија мора да ги искористи проблемите во одбраната на Украинците, кои примија три гола на првиот меч и имаа лоша поставеност во дефанзивата.

Во меѓусебните дуели Украина има две победи на два официјални натпревари во квалификации за ЕП, а нашата репрезентација е подобра на пријателските мечеви и има победа од 1:0 и реми без голови.

Ова е сепак поинаков меч од сите досегашни, прв на големо натпреварување и Македонија очекува победа за продолжување на надежите за пласман во осминафиналето.

Веројатни состави:

МАКЕДОНИЈА: Димитриевски, Ристовски, Муслиу, Велковски, Алиоски, Адеми, Барди, Николов (Костадинов), Елмас, Пандев, Трајковски (Тричковски).

УКРАИНА: Бушчан, Караваев, Забарњи, Матвиенко, Миколенко, Зинченко, Јармоленко, Сидорчук, Малиновски, Шарапенко, Јаремчук.

 

- Оглас -

Најнови вести