Битола подготвена за Купот, од четврток до сабота кошарката ќе го засени ракометот

Градот на конзулите и на ракометот, Битола, од четврток до сабота ќе дише за кошарката заради завршниот турнир од Македонскиот куп „Благоја Георгиевски-Буштур“, прв ваков турнир во Битола по пауза од 17 години.

Освен тоа, организаторот и домаќин, Пелистер, има амбиција и реална шанса да го освои трофејот, а тоа го потврдија и на денешната прес-конференција.

МЗТ Скопје Аеродром е бранител на трофејот, а Металците барем на хартија би требало да имаат најлесна задача во четвртфиналето, во кое за противник ќе го имаат Гостивар. Ако МЗТ се најде во полуфиналето, таму за ривал ќе ги има лутиот ривал Работнички или ТФТ, од кого загуби во финалето пред две години.

Работнички има 10 трофеи во Купот и ако триумфира во Битола, ќе се изедначи со рекордерот МЗТ со по 11.

Еуро Никел се среќава со Чаир и ќе води жестока битка за пласман во полуфиналето, а Пелистер го чека дуел со ланскиот финалист Феникс 2010. Битолчани не ја кријат желбата да стигнат до трофејот пред своите верни навивачи, но прво треба да го победат тимот од кого лани беа елиминирани.

Организаторот на турнирот се одлучи цените на билетите да бидат 100 денари за целодневна програма, а за 300 денари може да се следат сите седум натпревари на целиот турнир.

 

- Оглас -

Најнови вести