Пелистер против Вардар и пресметката меѓу Брера и Силекс се двата денешни дуела од 12-тото коло во Прва македонска фудбалска лига. Битола денеска е на нозе затоа што гостува нивниот најголем ривал Вардар. Дербито ќе се игра под рефлектори од 17 часот.
Во различно расположение двата тима го чекаат овој меч. Вардарци ќе бркаат победа за да вратат на првото место на табелата, каде моментално на чело е Струга ТЛ со 29 бодови. За разлика од Вардар, Пелистер е во незавидна ситуација. Битолчани освоија само осум бода во првите 11 натпревари и се во опасната зона.

Без разлика на фактот дека Вардар е во улога на голем фаворит, овие дуели на најголемите ривали во македонскиот фудбал речиси секогаш биле непредвидливи. Во последните 12 меча на овие два тима, по трипати се радувале и Вардар и Пелистер, а шест пресметки завршиле нерешено.
Во вториот меч кој се игра денеска, во Струмица, од 13 часот, Брера ќе го нагости Силекс. Струмичани примаат, но и даваат многу голови, а и кратовци се расположени за погодоци. Во Силекс се надеваат дека ќе ја продолжат убавата низа за нив која вели дека кратовци победиле на последните пет средби против Брера.

