Во Битола вчера беше фудбалски ден, а денеска веднаш се враќа на ракометните возбудувања. Почнува новата сезона во ракометната Лига на шампиони, а на стартот Еурофарм Пелистер е домаќин на РК Загреб.
Според квотите, хрватскиот тим е фаворит, но Еурофарм Пелистер ќе се обиде со помош на публиката да направи изненадување.

„Среќен сум што ќе го пречекаме Загреб со најдобриот состав. Имавме неколку повредени ракометари кои изостанаа за пријателските натпревари и Суперкупот. Сега сите сме подготвени и ќе го пречекаме Загреб. Лигата на шампионите сама по себе е голем мотив и ние ја заслуживме по ланската сезона. Максимално сме мотивирани, знам дека ќе имаме помош од нашите навивачи и очекувам полна сала. Загреб има искусни ракометари. Со Игор Карачиќ добија многу во нападот. Тој ќе ги спои бековите, искусен е, поминал многу и знае како се игра на Балканот. Сигурно ќе биде мотивиран заради неговото минато со Вардар, клуб со кој ја освои Лигата на шампионите. Сепак, нашиот фокус е на нашата игра, нашата одбрана. Мислам дека сезонава ќе бидеме многу посилни, засилувањата добро се вклопија и изградивме добар систем. Имаме позитивна атмосфера и мислам дека тоа ќе биде клучот за наш успех“, изјави капитенот Филип Кузмановски во пресрет на вечерашниот дуел со РК Загреб.