Чешкиот играч од средниот ред Михал Садилек ќе го пропушти Европското првенство во Германија откако падна од велосипед и ја повреди ногата, изјави портпаролот на чешката репрезентација.
25-годишниот Садилек, фудбалер на холандскиот прволигаш Твенте, настапи на последното ЕВРО 2020 година.
За Чешка одигра вкупно 24 натпревари и постигна еден гол. Садилек во петокот беше капитен на тимот и ги одигра сите 90 минути во победата од 7-1 над Малта во подготвителниот пријателски натпревар.
„За жал, Садилек падна додека се возеше со својот велосипед и се здоби со расекотина на ногата. Ова е голем удар за нас бидејќи Михал е еден од нашите искусни играчи. Тој ја носеше капитенската лента на мечот против Малта“, истакна чешкиот селектор Иван Хашек.
Чешка е во групата Ф на ЕП, а пред првиот натпревар на првенството, против Португалија на 18 јуни, утревечер во Храдец Кралове ќе одигра пријателски натпревар против Македонија.