Трент Александер-Арнолд од следната сезона ќе биде фудбалер на Реал Мадрид откако одлучи да не го продолжи договорот со Ливерпул. Фудбалерот како слободен агент и без обесштетување ќе се пресели на „Сантијаго Бернабеу“, но има еден проблем.
Договорот со Ливерпул му истекува на први јули, а Кралскиот клуб сака да го има во ростерот за Светското клупско првенство во САД, кое започнува на 14 јуни и ќе трае до 13 јули. Тоа би значело дека тој може да се приклучи дури кон средината на турнирот, но Реал Мадрид инсистира да го има од почетокот.
Раководството на Ливерпул нема намера да го пушти порано и бара обесштетување од еден милион евра доколку Реал Мадрид го сака фудбалерот за турнирот во САД. Се чини дека во оваа ситуација Кралевите немаат друг избор и ќе мора да ја платат бараната сума за да го имаат Трент Александер-Арнолд на Светското клупско првенство, каде што се во група со Ал-Хилал, Пачука и Салцбург.