Италијанецот Џакомо Перини остана без освоениот бронзен медал на параолимписките игри во Париз откако во неговиот чамец за време на финалната трка бил пронајден мобилен телефон.
Според правилата, забрането е користење мобилен телефон бидејќи така се стекнува со недозволена комуникација за време на трката. Се верува дека преку мобилниот телефон може да се примат тактички иснтрукции за тоа какво темпо треба да се користи за време на трката, но и да се добијат информации за тоа каде се наоѓаат неговите ривали без да користи сила и време да се врти и да се фокусира на противниците.
Токму поради тоа Перини заработи дисквалификација, а третото место му припадна на Ерик Хори од Австралија.
„Имав среќа што стигнав до бронзениот медал“, беше првата реакција на Хори по дознавањето дека сепак завршил како трет во диналната трка.
Италијанската олимписка федерација најави дека ќе поднесе жалба и ќе се обиде да докаже дека Перини ненамерно го заборавил мобилниот телефон во чамецот, и тоа непосредно пред стартот на финалната трка.
Победник на оваа трка беше Британецот Бенџамин Причард со време од 9:03.84 минути, а второпласиран заврши Романо Полијански од Украина.