Бизнисменот тврди: Ако станам претседател на Фенербахче, Мурињо ќе биде нов тренер

Турскиот бизнисмен Азиз Јилдирим е подготвен да се врати на местото претседател на турскиот гигант Фенербахче. Јилдирим порача дека има постигнато договор со Жозе Мурињо и португалскиот стратег би останал на клупата на Фенербахче во следните три години.

Интересно е дека неодамна од турските медиуми проструија шпекулации дека Мурињо ќе биде тренер на Бешикташ, но сега во трката за потписот на еден од најдобрите тренери се вклучи и Фенербахче.

Бизнисменот Јилдирим порача дека негова цел е конечно да биде донесена титулата од првенството во витрините на Фенербахче.

„Доаѓам за да го направам Фенербахче шампион. Два часа разговарав со Мурињо, ги договоривме условите и тој е подготвен да дојде. Повторно ќе разговарам в сабота, во Англија. Ако биде како што треба, Мурињо следната недела ќе дојде во Истанбул. Не можам да ви кажам ништо околу засилувањата, но знам дека тренер во следните три години ќе биде Мурињо“, порача Јилдирим.

Јилдирим беше претседател на Фенербахче цели 20 години во периодот од 1998 до 2018 година. Потоа за претседател беше избран актуелниот претседател Али Коч.

„Шест години по моето заминување сум подготвен повторно да се вратам. Секогаш сум зборувал дека на клубот му е потребен мир, а не претседател кој постојано вели дека не му дозволуваат да биде шампион. Се зборуваше дека долгот е намален на 317 милиони евра, но тој сега изнесува 350 милиони евра. Има и заостанати плати“, додава кандидатот за претседател на Фенербахче.

Под водство на Јилдирим, Фенербахче во периодот од 1998 до 2018 година освои шест титули во првенството, играше во полуфиналето на Лигата на Европа и четвртфиналето во Лигата на шампионите. Под негово раководство, кошаркарската секција првпат стана европски првак.

 

- Оглас -

Најнови вести