Канада ја слави првата гренд-слем шампионка во Опен ерата, а нова тениска кралица на Њујорк е 19-годишната Бјанка Андрееску.
Во финалето на УС опен, Андрееску ја победи 37-годишната ветеранка и жива легенда на женскиот тенис, Серена Вилијамс со 6:3, 7:5 и го освои првиот гренд-слем трофеј во кариерата.
Мечот почна со брејк за помладата тенисерка, како најава за изненадување. Канаѓанката со романско потекло беше сигурна во продолжението и го доби првиот сет со 6:3.
Со сигурна игра продолжи и во вториот сет, стаса до предност од 5:1 и тука застана. Како да се уплаши од победата против големата шампионка и и дозволи на Вилијамс со два брејка да израмни на 5:5 и да и ја загрози првата гренд-слем титула. Сепак навреме се разбуди ја искористи втората меч топка и го доби и вториот сет против тенисерката што и е идол.
За Канада ова е прв гренд-слем пехар од 1968 година, а Бјанка најави дека има блескава иднина во женскиот тенис. Со овој триумф има 13 победи по ред, а пехарот од Њујорк и е вкупно трет трофеј од ВТА турнирите. Сите ги освои оваа година.
Серена Вилијамс го играше 101-то финале, 10-то во Њујорк и не успеа со титула да се израмни на врвот со Маргарет Корт. Остана на 23 пехари во сингл на гренд-слем турните, зад легендарната Австралијка Корт.
Утре ќе се игра машкото финале меѓу Рафаел Надал и Данил Медведев, а ако Шпанецот победи тогаш и финалињата и титулите ќе се пресликаат од настаните на Роџерс купот што заврши на 11. август со победи на Андрееску против Серена и на Рафа против Медведев.