Менаџерот на Лидс, Марсело Бјелса, денеска имаше необична прес-конференција на која реши да зборува за мечот од последното коло во Премиер лигата, кога неговиот тим загуби од Манчестер јунајтед со убедливи 6:2 на „Олд Трафорд“. Бјелса во монологот во кој му беа изброени дури 1.855 зборови, ги убедуваше новинарите дека Лидс не бил послаб тим од Манчестер јунајтед.
„Тоа што се случуваше на мечот на „Олд Трафорд“, нема врска со тоа што се пишува во медиумите. Го анализирав мечот и не се земени предвид вистинските причини за поразот. Новинарите ги анализираат само резултатите. Манчестер против нас го одигра најдобриот меч во сезоната од физички аспект, а ние во тој дел од фудбалот ги надигравме. Имавме поголем посед на топката. Манчестер воопшто не беше доминантен“, вели Бјелса во дел од 41-минутната долга анализа за мечот на кој неговиот тим прими шест гола.
Лидс е екипата која сезонава игра најатрактивно. Во 14 меча даде 24 гола, а прими дури 30 погодоци, што значи дека во просек на натпреварите на Лидс има по 3,92 погодоци.