Благоја Милевски претставен како нов селектор на Македонија: Атакуваме на нов пласман на ЕП!

Благоја Милевски и официјално беше претставен како нов селектор на сениорската фудбалска репрезентација на Македонија. Тој ја наследува клупата од Игор Ангеловски, а потпиша важечки договор на три години.

Претседателот Сејдини му посака среќа во работата и да продолжи со успесите кои Рисовите ги остварија со историскиот пласман на последното ЕП, со надеж дека нема да биде единствен таков успех на сениорите.

„Пред сè, да им се заблагодарам на Федерацијата и на претседателот Сејдини за укажаната доверба. Од мене очекувајте максимална професионалност и посветеност во работата. Што се однесува до мојот ангажман во А репрезентацијата, со нетрпение го очекуваме септемврискиот квалификациски циклус за Мундијалот во Катар. Со нетрпение чекам да почнам со работа и да се видам со репрезентативците. Заедничка цел ни е пласман на Европското првенство во 2024 година, но и ќе дадеме сè од себе за да оствариме добри резултати и во мундијалските квалификации. Со голем дел од репрезентативците добро се познавам бидејќи заедно работевме во У21 селекцијата, се надевам дека ќе продолжиме со успешната соработка и во иднина“, истакна Милевски на промоцијата.

За потсетување, Милевски беше човекот кој ја одведе У21 селекцијата до првото ЕП за млади во 2017 година, а на негово место селектор на таа репрезентација дојде Драган Канатларовски.

- Оглас -

Најнови вести