Блатер: Катар беше лош избор за домаќин на Светско првенство, но тоа го сакаше Саркози

Поранешниот претседател на Светската фудбалска федерација (ФИФА), Јосеп Сеп Блатер, вели дека одлуката Катар да биде домаќин на Светското првенство во 2022 година била погрешна. Блатер беше на чело на ФИФА цели 17 години, од 1998 до 2015 година и токму во негово време беше донесена одлука Катар да биде домаќин на планетарниот собир.

„Изборот на Катар за домаќин на СП 2022 е голема грешка. Првично договорот беше Русија да биде домаќин во 2018, а САД во 2022 година и тоа да биде гест на мир за тие две земји. Да организираат СП една по друга.Тогаш ми се јави Платини и ми рече дека добил повик од претседателот на Франција, Саркози, кој само што завршил состанок со првиот човек на Катар. Тогаш Саркози му рекол на Платини дека сака ФИФА да му даде на Катар да биде домаќин на Мундијалот. Иако јас бев против тоа, Платини ме праша како би реагирал јас ако тоа од мене го побара претседателот на државата. Му реков дека нема никако да реагирам затоа што во Швајцарија немаме претседател, а на крајот четирите гласа кои ги донесе Платини одлучија Катар да е домаќин“, открива Блатер, кој додава дека шест месеци потоа, Катар купил борбени авиони од Франција во вредност од 15 милијарди долари, што значи дека многу пари биле во игра.

Некогашниот прв човек на ФИФА вели дека Катар нема капацитет да биде домаќин на ваков настан, па останува да видиме како ќе биде планетарниот собир кој почнува за десетина дена.

„Катар е премала земја за да биде домаќин на Светско првенство. Тоа е премногу големо натпреварување“, рече Блатер, кој додаде дека ФИФА во 2012 година ги промени критериумите кои се користеа за избор на земја домаќин на Мундијалот, и тоа сè поради загриженоста околу работните услови на градилиштата поврзани со турнирот.

„Оттогаш започнаа да се гледаат и социјалните аспекти, како и човековите права“, потенцираше Блатер, кој со години беше обвинет за корупција за време на својот мандат. Во јуни оваа година судот во Швајцарија го ослободи Блатер од обвиненијата.

Некогашниот прв човек на ФИФА, кој сега има 86 години, најави дека Светското првенство ќе го следи од својот дом во Цирих.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести