Веднаш по завршувањето на Светското првенство во Катар, Светската фудбалска федерација (ФИФА), односно нејзиниот прв човек, Џани Инфантино, изјави дека сака нов формат и Мундијалите да се играат на секои три наместо на секои четири, како што е случај досега, но тоа воопшто не му се допаѓа на неговиот претходник Сеп Блатер.
Оваа изјава на Инфантино е само продолжение на тоа што го говореше легендарниот менаџер на Арсенал, Арсен Венгер, кој сега е директор за развој во ФИФА.
Венгер на почетокот од годината започна кампања со цел да се издејствува Светските пренства да се играат на секои две години. Таа идеја наиде на оптор кај највлијателните континентални федерации, Европската (УЕФА) и Јужноамериканската (Конмебол), па кампањата беше запрена сè до завршување на СП во Катар, кога прв се огласи Инфантино и најави дека во иднина сака Мундијалите да се играат на три години.
Оваа идеја на нож ја дочека поранешниот претседател на ФИФА, Сеп Блатер, кој го обвини Инфантино дека е алчен.
„Тоа што моментно се случува е прекумерна комерцијализација на фудбалот. Од 32 репрезентации, на следното СП ќе имаме 48 и тоа според мене е премногу. Постојат обиди да се исцеди што повеќе од лимонот, на пример: со зголемувањето на бројот на учесници на СП од 32 на 48, како и одлуката Светското клупско првенство од 2025 година да се игра со 32 екипи, што би било директна конкуренција на Лигата на шампионите. Со оваа идеја ФИФА влегува во област која не е нејзина првична ингеренција, а тоа е клупскиот фудбал“, смета Блатер.