Блажевска храбро ги совладува сите ракометни предизвици во клубот кој има богато минато, а сега состави хуманитарен тикет

Ракометот е најуспешниот тимски спорт во Македонија кој носи многу радости на меѓународна сцена. Посебно е актуелен на крајот и на почетокот на годината, кога се играат големите репрезентативни натпреварувања. Македонија ќе биде дел од женското Европско првенство кое ќе се игра од 28 овој месец до 15 декември. На почетокот од следната година, машката репрезентација ќе биде дел од Светското првенство во период од 15 јануари до 2 февруари.

Претседателката на РК Металург, Зорица Блажевска, секако е една од најкомпетентните и најдобро информираните за актуелните состојби во ракометот. Блажевска, која беше прогласена и за најуспешна спортска менаџерка во Македонија во 2020 година, секогаш оптимистички гледа на работите во ракометот и затоа уште е дел од овој спорт и се бори за подобрување на условите.

ДЕВОЈКИТЕ НА ЕП ЌЕ СЕ БОРАТ ХРАБРО БЕЗ РАЗЛИКА КОЈ Е ПРОТИВНИКОТ, ОД МОМЦИТЕ ОЧЕКУВАМ ДА НАПРАВАТ ГОЛЕМ УСПЕХ

Во пресрет на ЕП за жени, Блажевска верува дека Македонија има сили да се покаже во вистинско светло, иако нашата селекција е во тешка група.

„Девојките треба да одиграат на висина на задачата. На минатото ЕП, кога бевме домаќини, покажавме борбен дух и солидни резултати. Тоа ЕП беше исклучителна можност поголем дел од ракометарките да се стекнат со искуство. Верувам дека сега ќе одиграат на високо ниво. Интернационалките треба да бидат лидери на оваа екипа. Тука е Ива Младеновска, таа е наше дете од Металург кое прерасна во одлична ракометарка. Токму Младеновска, заедно со останатите интернационалки, Ристовска, Седлоска, Кипријановска, треба да бидат носители во играта на ова ЕП.

Познавајќи го селекторот Грчевски, кој е голем борец, верувам дека нема да дозволи да одиме со бело знаме и предвреме нема да се предадеме против кој било противник. Шведска е фаворит не само за во групата, туку и за титулата. Унгарија е домаќин и сигурно ќе има поддршка од публиката. Турција е незгоден ривал. Не може да се дефинира, непредвидливи се, но верувам дека може и да ги победиме“, вели Блажевска, која посебно е оптимистички расположена за настапот на машката репрезентација во јануари, во Хрватска.

„Машката репрезентација е во одлична форма. Верувам дека на СП во Хрватска момците ќе одиграат на врвно ниво, дека ќе блеснат, па зошто да не очекуваме да го направат и најголемиот успех на едно големо натпреварување“, додава претседателката на Металург.

МОРА ДА СЕ ВНИМАВА КОЈ СТАНУВА ТРЕНЕР, ЖАЛНО Е ШТО ИМА КЛУБОВИ КОИ ПОСТОЈАТ КОЛКУ САМО ДА ГО ДОБИЈАТ ВАУЧЕРОТ

Блажевска не можеше да не прокоментира и за лошите и за негативните моменти кои ги има во ракометот во последно време, а кулминираше со мечот од Купот во женска конкуренција меѓу Скопје и Гевгелија, кога двете екипи си постигнуваа автоголови.

„Јас како претседателка на клубот секогаш сум внимавала за тоа кој ќе биде тренер во Металург. Посебно кога се работи за тренери на деца кои се во најчувствителни години и треба да се доверат на човек кој е потребно да биде добар педагог, психолот, човек, а потоа и тренер. Треба да се внимава кој добива лиценци за тренер кај нас. Децата во тренерот гледаат некој што треба да им биде пример за тоа како треба да се однесуваат. Жално е тоа што се случи со постигнувањето автоголови на еден натпревар, но се плашам да не биде последен пат такво нешто да гледаме. Голем проблем се случи и со воведувањето на ваучерите, затоа што тоа доведе до ситуација да се собираат деца буквално од улица, па некои екипи да губат и со 30-40 и повеќе разлика. Тоа се прави само за да се добијат парите од ваучерот без да се размислува какви последици ќе има тоа врз децата. Детската психа е посебно чувствутелна, а тие ги фрлаат децата буквално во оган само за да стигнат до ваучерите.“, објаснува Блажевска за незавидната ситуација во која се наоѓа поголем дел од клубовите во Македонија.

„Среќни се оние клубови кои се под општинска капа, за жал, премалку се. Треба да се размислува во насока да се воведе некој ред при спонзорирање од општините и голема контрола како и каде завршуваат финансиите. Час поскоро треба да се реши проблемот и со недостиг на спортски објекти. Или да се воведе ред во стопанисувањето со нив. Не е во ред да е дискреционо право на директорот на средно или основно училиште да одлучува дали ќе се издава термини и кому ќе ќе се исдаваат. Под итно да профункционира институција која домаќински и одоговорно ќе стопанисува со спортските објекти’, посочува претседателката на РК Металург.

МОЖЕБИ Е ПОТРЕБНО ДА СЕ РАЗМИСЛУВА И ДА СЕ СМЕНИ ЗАКОНОТ

Блажевска, која е добитник на голем број признанија, награди, учесник на голем број дебати и работилници за подобрување на условите во ракометот, веќе седум години е предводник на Металург и вели дека токму ракометарите и ракометарките и го даваат најголемиот мотив да остане да работи и во тешките услови.

„Седма година сум претседател и воопшто не е лесно во овие услови да се води еден клуб. Кога ќе помине сезоната во мај-јуни, велам доста беше, но кога ќе дојде средината на јули, почнува она време за подоготовки за новата сезона. Играчите почнуваат да се јавуваат, тие се движечка сила којашто ме задржала да останам на оваа позиција на којашто сум. Во сите седум години не сум имала играч кој немал почитување кон мене, кој ме разочарал или ме навредил. Тие се тие кои ми даваат сила. Се борам да сменам нешто, да направам да биде подобро, но не сум моќна. Веќе трета година сама го водам клубот, немаме спонзор, фирмите кои нè спонзорираа по корона-кризата едноставно се најдоа во незавидна ситуација. Трошоците за водење на клубот не се мали. Со државната помош опстојуваат многу клубови како Металург. Секоја чест за оние кои вложуваат во ракометот, посебно ако се знае дека таму нема поврат на средствата. Бенефит и сатисфакција се постигнатите резултати“, вели Блажевска, која дообјаснува дека можеби е потребно да се смени и законот, да се овозможи фирмите кои ќе спонзорираат во спортот да имаат некакви даночни олеснувања.

„За да привлечеме спонзори, треба да се смени законот и да ги поттикнат сите компании да станат спонзори на спортски клубови. Вака и на парите кои ги даваат за спонзорство плаќаат данок. Ние што работиме во спортот мора да се бориме и да се надеваме дека ќе биде подобро“, вели Блажевска, која откри дека гледа и други спортови, посебно фудбал, па воопшто не ѝ беше тешко да состави хуманитарен тикет.

- Оглас -

Најнови вести