-6.2 C
Skopje
среда, 31 декември 2025

Блескава игра на Еурофарм Пелистер за победа над ПИК Сегед

Македонскиот ракометен првак Еурофарм Пелистер забележа фантастична победа од 25:24 над ПИК Сегед во меч од седмото коло во Лига на шампионите. За Пелистер ова е втора победа сезонава, за голема радост во преполната сала во Битола. ПИК Сегед го претрпе четвртиот пораз сезонава.

Еурофарм Пелистер фантастично го отвори мечот. Со челична одбрана и сигурен напад, битолчани по првите 10 минути водеа со 5:0. Фаворизираните гости дури во 11-тата минута го постигнаа првиот погодок. Сигурната игра на Пелистер продолжи, па домаќините водеа со 6:2 во 16-тата минута, потоа со 8:4 по 20 минути, а во 23-тата минута стигнаа и до 10:5. На полувреме, македонскиот првак замина со предност од 11:8.

Почетокот на второто полувреме започна со подобра игра на гостите. ПИК Сегед првпат израмни на 12:12 во 36-тата минута, а во 42-рата минута првпат и поведоа, и тоа со 14:13.

Сепак, Пелистер не се уплаши од овој налет на противникот. Битолчани ја вратија самодовербата, па во 50-тата минута резултатот беше нерешен 19:19. Македонскиот тим поведе со 22:20 во 53-тата минута, но ПИК Сегед брзо возврати и во последните пет минути се влезе со нерешени 22:22.

Се продолжи да се игра гол за гол, па беше 23:23 на три минути до крајот. Потоа погоди Калараш за гостите, а Пешевски во негов стил израмни на 24:24 на 60 секунди до крајот.

Гостите направија пробивање, па Пелистер одигра напад, по кој Кузмановски се избори за седмерец, а Радивојевиќ погоди од седум метри на 13 секунди до крајот. Во последниот напад, ПИК Сегед повторно не успеа да погоди и тоа значеше голема радост за битолчани и заслужена победа.

- Оглас -

Најнови вести