Кошаркарите на Лос Анџелес клиперс лесно го совладаа Шарлот хорнетс со 123-88 во синоќешната програма на НБА-лигата. Славеше и вториот тим од Лос Анџелес. Лука Дончиќ ги предводеше ЛА лејкерс до триумф од 107-96 против Феникс санс.
ЛА клиперс, предводени од одличниот Џејмс Харден, кој оствари ефект од 31 поен, 10 скока и 7 асистенции, рутински славеа, а прашањето за победникот беше решено веќе на полувремето, кога домаќинот имаше предност од 65-41. Ивица Зубац го заврши мечот со 17 поени, 14 скока и осум асистенции.
По четири последовни порази во изминатата недела, тимот на ЛА лејкерс се врати на победничките патеки. Езерџиите пред своите навивачи го совладаа Феникс санс со 107-96, па сега се на петтото место на Западот со биланс 41-25, додека Феникс сè повеќе се оддалечува од плејофот и со скор 31-37 се наоѓа на 11-тата позиција во Западната конференција.
ЛА лејкерс повторно настапија без Леброн Џејмс, кој поради повреда не игра од дуелот со Бостон селтикс пред седум дена, но Лука Дончиќ закрепна и по пропуштениот натпревар против Денвер нагетс се врати на теренот во голем стил.
Дончиќ за околу 40 минути игра запиша 33 поени, 11 скока и осум асистенции, а одличен беше и Остин Ривс со 28 поени и шест асистенции.
Кај гостите, Кевин Дурант постигна 21 поен и девет скока, Девин Букер 19 поени и 11 асистенции.
Оклахома сити тандер на гости славеше против Милвоки бакс со 105-121. Шеј Гилџес-Александер беше прв поентер со 31 поен, осум асистенции и два скока, пред неговиот тимски колега Ајзеа Хартенштајн со 24 поени и 12 скока.
Резултати НБА: Далас – Филаделфија 125-130, Кливленд – Орландо 103-108, ЛА лејкерс – Феникс 107-96, Бруклин – Атланта 122-114, Портланд – Торонто 105-102, Минесота – Јута 128-102, ЛА клиперс – Шарлот 123-88, Милвоки – Оклахома Сити 105-121.