Фудбалерите на Астон Вила се пласираа во полуфиналето на ФА купот, откако на гостински терен го победија Престон со 0-3 во меч во кој беа видени два сосема различни полувремиња.
Првото полувреме најави потенцијални проблеми, бидејќи тимот од понизок ранг, Престон, можеше да претставува сериозен предизвик за фаворитот. Астон Вила не делуваше како тим кој важи за еден од сериозните клубови во Англија и во тие 45 минути упати само еден удар кон голот на ривалот.
Сепак, гостите во второто полувреме го забрзаа темпото и на крајот стигнаа до рутинска победа.
Најголеми заслуги за оваа победа има англискиот напаѓач Маркус Рашфорд, кој во 58-та минута го отвори резултатот, а само пет минути подоцна постигна уште еден погодок.
Џејкоб Ремзи во 71-та минута постигна трет гол за Астон Вила после одлична соло-акција, со што го постави конечниот резултат и го обезбеди местото на својот тим во полуфиналето на ФА купот.