Близнаците денеска ќе се разделат – Македонија гори за историски чекор кон ЕП, Грузија нека почека

Грузија и Македонија денеска играат историски меч, од 18 часот во Тбилиси, а на прекрасниот терен на стадионот „Борис Паичаѕе“ ќе се одлучува која од овие две селекции за првпат ќе игра на големо натпреварување.

Имаме доста сличности со Грузија во многу области во текот на историјата, па и фудбалски, па се очекува и завршниот чин од трилогијата натпревари меѓу двете репрезентации да донесе многу надмудрување. Секако и тврд фудбал, како што беше на претходните два дуели одиграни со идентичен резултат 1:1 во последните два месеци.

Близнаците беа дел од два големи сојузи кои веќе не постојат, Грузијците под капата на моќниот СССР, а Македонија како една од шесте братски републики на Југославија.

Во иста година и двете земји се одлучија за независност, Грузија во април 1991 година, а Македонија само четири месеци подоцна гласаше успешно на референдум за самостојност.

Дури за да биде симболично идентично, и двете земји минаа низ куси конфликти на своја територија, Грузија со Осетија и Абхазија десеттина години пред кусата војна на територијата на Македонија во 2001 година.

Сепак, тоа се само политички и историски сличности меѓу Грузија и Македонија, а ги има и на фудбалски план. И ние и денешните домаќини на големото финале во Сегментот Д од премиерното издание на Лигата на нациите, што гарантира историски и прв настап на големо натпреварување, никогаш не играле на Европско или светско првенство.

Голема разлика нема ниту во квалитетот на двете репрезентации, иако тука Македонија се чини е во мала предност. Капитенот на гостите, Горан Пандев, ќе биде убедливо највлијателниот и најтрофеен играч на теренот.

Популарниот Ил Мачедоне, како што го знаат сите на Чизмата, има сè што може да посака на клупски план. Врвот е европската титула со Интер прославена на култниот „Сантијаго Бернабеу“, а сега, како што вели, сонот ќе биде комплетно исполнет со настап на Македонија на ЕП идната година.

„Време е да се обединиме сите заедно и да се обидеме сонот за настап на големо натпреварување да стане реалност. Остана уште еден чекор до остварување на мојот сон, на сонот на моите соиграчи и на целата нација. Да го направиме последниот чекор за да ја израдуваме цела Македонија“, испрати моќна порака Пандев.

Имаме уште предности, Македонија има повеќе играчи што настапуваат во најсилните европски лиги, или популарниот Топ-5. Квалитетот е најзначајниот фактор во животот, нормално и во фудбалот, а тој денеска од 18 часот е на наша страна.

И уште една голема предност на македонската репрезентација на патот кон ЕП во однос на Грузија е што ние имаме златна генерација млади фудбалери, кои веќе испишаа историја.

Елиф Елмас, Дарко Велковски, Бобан Николов, Висар Муслиу, Дамјан Шишковски… и уште неколку сегашни А-репрезентативци веќе играа на ЕП, младинското за играчи до 21 година во 2017 година. И тоа е капитал што треба да се искористи во дуел на две репрезентации што имаат многу сличности и во фудбалот, но и во историскиот и политичкиот спектар.

Близнаците денеска ќе се раздвојат, Македонија или Грузија ќе експлодираат од радост или ќе потонат во тага на патот кон голем успех, историски, со пласман на Европското првенство што ќе се игра идната година.

 

 

- Оглас -

Најнови вести