Поранешниот македонски репрезентативец, Бобан Николов, во моментов е без ангажман, па одржува форма со индивидуални тренинзи на тренинг-комплексот на ФФМ во Скопје. Синоќа таму тренираа и екипите на Шкендија и ФЦСБ, а тоа беше шанса за Николов да се сретне со своите поранешни соиграчи од романскиот гигант.
Македонецот за романскиот медиум „гсп.ро“ даде интересна изјава, во која најави дека ќе навива за Стеауа.
„Убаво е повторно да ги видам, навистина сум среќен. Играв со некои од нив и останавме пријатели, на крајот на краиштата, тоа е најважното нешто. Навистина ми е мило што дојдоа тука и што се сретнавме повторно, им посакувам успех и се надевам дека ќе победат. Велам дека ќе победат. Иако Шкендија е тим од Македонија, искрено, навивам за мојот поранешен тим. Ќе дојдам на натпреварот и ќе ги бодрам. Шкендија е добар тим, но Стеауа има многу повисок квалитет. Ако играат како минатата година или барем како на натпреварот со Петролул, ќе продолжат понатаму. Искрено, не ја гледам баш Шкендија. Јас сум со Вардар“, вели Бобан Николов.
Македонецот една полусезона беше дел од ФЦСБ есента 2022 година, каде што пристигна од Шериф Тираспол, а потоа се пресели во унгарската Кишварда.