Сер Боби Милевски е фајтер, има мундијалски план за Македонија и милионски хуманитарен тикет

Селекторот на Македонија, Благоја Милевски, е гостин на Спорт Манија во хуманата акција и непосредно пред стартот на бараж-дуелот со Италија на 24 март во Палермо, како дел од завршниот циклус за настап на Светското првенство во Катар, што ќе се игра во ноември и декември годинава.

Популарниот Сер Боби е првиот наш селектор што успеал да се пробие со Македонија на големо натпреварување, на младинското Европско првенство во Полска во 2017 година, а сега има и мундијалски сон и ако го исполни со победи на Македонија во два бараж-дуели. повторно ќе испише историја.

„Верувам дека имаме шанси иако на ждрепката ги добивме најсилните можни ривали. Италија е гигант на светскиот фудбал, со четири титули на Светските првенства и актуелен европски првак, а според квалитетот и степенот на развој во фудбалот, не заостануваат и Португалија и Турција.

Убаво е да се биде во ваква ситуација, Македонија како фудбалска членка во Топ-20 во Европа да игра до крај за пласман на Мундијал.

Постојано им велам на репрезентативците дека треба само да уживаат на терен. Квалитет имаме, атмосферата е прекрасна, а успесите во последно време и настапите на големите натпреварувања потврдуваат дека изградивме и победнички менталитет. Најмногу ме радува што веќе комплетно е сменет склопот на македонските фудбалери. Не сакаат да губат од никого, не се предаваат и не ја наведнуваат главата пред кој било ривал. Порано ни беше тежок последниот чекор за настап на големо натпреварување, но од 2014-15 веќе успеваме во континуитет да го правиме тоа што ни недостасуваше. 

Одигравме одлични квалификации и како и сите селекеции што играат во баражот, имаме право да се надеваме на пласман на Светското првенство во Катар“, ја почнува приказната нашиот фудбалски селектор.

Македонија ја тресе пријатна грозница, мундијалска и за првпат во историјата сме толку блиску до настап на Светско првенство.

На „Ренцо Барбера“ ќе има наши навивачи, иако релативно мал број во однос на симпатизерите на Аѕурите, а Милевски верува дека ќе се чуе и македонскиот глас.

„Имаме фантастични навивачи, кои секогаш се со нас и знаат да направат неверојатна атмосфера. Беа во Полска во 2017 година како поддршка на младата генерација тогашни фудбалери на Европското првенство, јас бев присутен и во Букурешт да ги следам настапите на сениорското првенство минатото лето и таму беа една од главните приказни на целиот шампионат, а очекувам и што почесто да се слуша македонскиот глас и во Палермо. Верувам дека и тие ќе уживаат, како и сите што при срце им е Македонија, а можам да ветам беспоштедна битка на теренот.

За мала земја камо нашата, настап на Мундијал би бил успех од светски размери. И верувам дека имаме шанси, ако не е така воопшто и не би ја работел оваа работа“, вели селекторот.

Ќе бидеме без триото Пандев, Елмас, Несторовски, кое ја скрои победничката акција во Тбилиси во победата против Грузија од 1:0 за историски пласман на Европско првенство.

Пандев се прости од репрезентацијата, Елмас нема право на настап во Палермо поради жолти картони, а Несторовски не е повикан.

Како без нив, а против Италија, еден великан на светскиот фудбал со четири пехари од Мундијалите и актуелен европски првак?

„Јас ја објаснив причината за изоставувањето на Несторовски, кој не е избришан од репрезентацијата. Напротив, кога ќе биде во фудбалски погон, во континуитет ќе биде добредојден во репрезентацијата. Единствената причина што нема да биде со нас во Палермо е што годинава има само 13 минути минато на терен во дресот на Удинезе.

Елмас ќе патува со нас за Италија, иако нема право на настап. Тоа е стандард во светски рамки бидејќи имаме шанси за нов бараж-меч против Португалија или Турција.

Не можеме да смениме ништо во ваква ситуација. Мора да се прилагодиме со фондот на играчи што го имаме.

Ние не сме Италија, Шпанија, Германија… со речиси неограничен број опции и играчи на сите позиции на теренот.

Како пример е токму нашиот прв противник во баражите за настап на Мундијалот во Катар. Нема да им игра Федерико Кјеза, кој им беше најдобар играч на Европското првенство што го освоија минатото лето.

Прочитав дека и Бонучи и Кјелини, па и Инсиње се неизвесни, но тие имаат огромен фонд на алтернативи за нив. Ние немаме таква можност, но имаме победнички менталитет, добар квалитет и дух за да им се спротивставиме. Верувам дека ќе го продолжиме трендот на добри игри и дека ќе бидеме горди и по завршување на мечот на Ренцо Барбера. Ќе направиме мали измени, но планот и целта не се менуваат, Македонија ќе игра фудбал, и тоа добар, и во Палермо.

Во ваква ситуација за нас е и подобро вака, што се игра еден меч во баражите“, додава Милевски.

Мундијалскиот план е веќе направен, селекторот ги знае и стартните 11 за дуелот со Италија на 24 март, ако нема нови проблеми со повреди.

Милевски вели дека веќе се скенирани сите три селекции што се во нашиот дел од костурот за пат во Катар, а како од пушка одговори и на интересна тема. На двата баражи што се предвидени мора да има победници, а може да има и продолженија, па и пенали.

„Ги следиме долго настапите на Италија, Португалија и Турција и на тактички план сè е подготвено за дуели против нив. Често ме прашуваат дали би прифатил веднаш да има пенали во Палермо. Ќе одговорам дека сме подготвени и за таква варијанта и да, ги имам во глава и имињата на пеналџиите ако дојде до таква ситуација.

Ние сме подготвени за сите предизвици и нема да има никакви калкулации, без разлика што реално трите репрезентации имаат поголем рејтинг од Македонија.

Подготвени сме за сè, но сега мислиме само на Италија. За мене лично пораз од Италија е неуспех. Како и секој пораз во спортот и во животот и никако поинаку не може да биде.

Во случај на победа во Палермо, искрено сеедно ми е дали потоа на 29 март ќе играме со Португалија во Порто или со Турција во Коња. И тогаш планот, начинот на којшто сакаме повторно да презентираме дека заслужено сме во Топ-20 во Европа нема да се менуваат“, е објаснувањето на македонскиот селектор.

За крај и неизбежното прашање за кое се крена огромна прашина во јавноста, а се однесува на можниот камбек на Јасир Асани во репрезентацијата на Македонија.

Случајот со Асани, кој претходно одби да игра за А селекцијата на Македонија и ја одбра Албанија, ги разгоре страстите. Сега има договор меѓу двете страни 26-годишното крило на унгарската Кишварда да направи камбек и да игра за нас.

Играше за младинските селекции и на Македонија и на Албанија, но за ниту една од двете репрезентации нема настап во сениорска конкуренција. Одлуката е во рацете на ФИФА, која треба да даде зелено светло за камбек на Асани, играч што постапи неспортски при „преминот“ од Македонија во Албанија.

„Ако некој треба да му се лути на Асани за некоректниот однос во периодот кога одлучи да ја замени Македонија со Албанија, тоа сум јас. Му бев тренер во Вардар и на еден меч одби да игра во одбраната, во ситуација кога тоа беше неопходно. Но, јас не сум суетен човек. Верувам дека еден тогаш млад играч реагирал импулсивно и погрешно и дека се покајал за постапките. Човечки е да простуваме и во овој случај размислувам само фудбалски. Асани игра одлично во Кишварда, мислам дека ги сфати грешките и дека може да ѝ помогне на Македонија.

Во моментов сме дефицитарни на крилните позиции и од фудбалски аспект враќањето на Асани како потенцијал може да ни помогне. Секако дека довербата треба да ја потврди со коректен однос и добри игри. Тука воопшто нема никакви привилегии, заткулисни игри, туку причината е што Асани е добар фудбалер, кој созреал, ги прифатил грешките и сака да продолжи понатаму. Јас ја сфаќам реакцијата на дел од јавноста, не велам дека не се во право, но кога нешто може да ѝ донесе бенефит на репрезентацијата на Македонија, ќе одлучам само така, во наша корист, па макар и трпел критики. Ако ФИФА донесе позитивна одлука за нас, верувам дека во иднина Асани самиот ќе потврди дека е квалитетен фудбалер што може да ѝ помогне на Македонија и дека ќе биде прифатен од публиката, јавноста и сите што ѝ посакуваат успех на репрезентацијата“, вели за крај Милевски.

Мечот со Италија ќе се игра на 24 март на „Ренцо Барбера“ во Палермо од 20.45 часот. Собирот на репрезентативците пред летот за Италија е на 21 март, со еден тренинг во Скопје.

Еден ден подоцна, на 22 март се лета за Палермо, а следниот ден е и официјалниот тренинг на „Ренцо Барбера“, стадион каде што Македонија за првпат во историјата ќе игра бараж за Светско првенство.

Ако ги победиме Аѕурите, репрезентативците се враќаат во Македонија на 25 март, па ќе патуваат за Порто или за Коња на 27 март, зависно од победникот на дуелот меѓу Португалија и Турција, што исто така се игра на 24 март.

Вкупниот победник од овој дел од костурот со четири селекции ќе игра на Мундијалот во Катар од 21 номеври до 18 декември оваа година.

 

- Оглас -

Најнови вести