Бод за Барди и Леванте против Уеска, Аспас повторно таличен за Селта

Леванте и Уеска повторно ремизираа со конечни 2-2, како што беше и во првиот овосезонски дуел во Ла Лига. Екипата за која настапува македонскиот репрезентативец Енис Барди во два наврати испушти предност за на крајот да се задоволи со бод.

Роџер во 19-тата минута ја отвори средбата, а гостите чекаа до 63-тата за израмнување, кое го донесе Енрик. Сепак, две минути подоцна домашната екипа одново дојде до предност, Моралес погоди од белата точка, а потоа, во 69-тата минута Авила ги постави конечните 2-2.

Со деветтото овосезонско реми, Леванте стои на 15-тата позиција со 33 бода, а веќе е јасно дека Уеска следната сезона ќе се врати во втората шпанска дивизија.

Селта Виго со двата гола на Аспас и еден на Гомес го совлада Реал Сосиедад со конечни 3-1. Гостите од Сан Себастијан водеа по првите 45 минути со голот на Вилијан Хосе, кој го реализираше од пенал, а потоа напаѓачкото дуо на Селта ја презеде работата во свои раце и обезбеди значајни три бода.

Селта сега има 32 бода и е на 16-тото место на табелата, Сосиедад го претрпе 11-тиот пораз сезонава и со 40 бода остана на деветтото место.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести